Пребарување на патенти или Trust, but verify! [Прв дел]

ПАТЕНТИ

K. Smiljkovikj

4/30/20241 мин читање

Кога ќе прашам некој “Дали има патенти со слични изуми како твојот?”, речиси секогаш добивам одговор дека нема.

И, нема ништо лошо да се верува во оригиналноста на идејата, но кога се работи за патентирање, подобро е и да се проверува.

Затоа постојат специјализирани истражувања на патенти, кои имаат задача да најдат ефикасен начин да пребараат низ милиони патентни документи глобално и да ги најдат документите кои потенцијално може да направат проблем во иднина.

А, за каков проблем станува збор? Патентот по дефиниција обезбедува заштита во форма на ексклузивитет, временски и територијален. Ако некој го поседува во област во која ние работиме, подобро е да дознаеме порано, отколку предоцна.

Во овој текст ќе споделам практични примери за истражувања и анализи на патенти и што тоа може да значи за нашиот бизнис во иднина.

1. Испитување дали изумот е патентабилен

Ова истражување има за цел да ги открие сите веќепостоечки документи кои можат потенцијално да го сопнат нашиот патент во процесот на патентирање. Колку повеќе сме свесни за патентите што постојат, толку полесно можеме да се диференцираме од нив во патентната апликација.

2. Оспорување на патент пред соодветно патентно тело

Дури и кога одредена патентна организација ќе донесе позитивна одлука за даден патент, сеуште постои можност да се оспори истиот. Ако детално истражување покаже дека постојат други слични документи објавени во минатото, а апликантот и истражителите не биле свесни во текот на постапката за патентирање, може да се поднесе жалба на одлуката за патент и процесот да се разгледува одново. Причини за вакво оспорување се најразлични, но најчесто се сведуваат на бизнис интереси.

3. Одлука за купување на патент

И покрај тоа што продавачот на патентот најчесто ќе изјави дека патентот е оригинален и ќе понуди резултати од истражување, секогаш, без исклучок, е препорачливо и сами да си направиме релевантен due diligence. Резултатите од ова истражување влијаат и на цената на патентот.


4. Покренување на тужба против компанија која го злоупотребува нашиот патент

Прилично лесно можеме да откриеме доколку некој го злоупотребува нашиот патент, но потребна е голема внимателност при одлучување што да преземеме. Зошто? Патентните спорови се скапи и долги, и треба внимателно да ги испитаме сите опции пред да покренеме тужба. Како резултат на патентно истражување ќе може да донесеме информирана одлука дали и колку е исплатливо да се покрене тужба.

Познат спор од ваков тип е Brix Inc vs Apple Inc, каде што Brix го тужи Apple за злоупотреба на нивниот патент (US 9,749,284 B2). Во текот на постапката Apple успева да го инвалидира патентот на Brix. Како резултат на недостаток на квалитетен due diligence, Brix го губи спорот, трошејќи време и значителни финансиски средства. Apple слободно продолжува да си ги користи спорните функционалности. Повеќе информации за спорот има на крајот на текстот.*

5. Истражување за можна злоупотреба на други патенти од наша страна

Пред да почнеме да го произведуваме и/или продаваме нашиот продукт во одредена држава, треба да испитаме дали потенцијално загрозуваме патент што веќе постои на таа територија. Ова се нарекува Freedom-to-Operate (FTO) истражување. Вакво истражување има за цел да спречи можни тужби против нас во иднина.

Да не заборавиме дека патентот го правиме за да сме безбедни 20 години во иднина, од датумот на аплицирање, па добро би било во овој период да имаме што е можно помалку неочекувани изненадувања и што е можно повеќе добивка од патентирањето. Затоа се прават детални патентни истражувања, со кои шансите на успех се многу повеќе на наша страна.

* Brix го тужи Apple за злоупотреба на нивниот патент во функционалноста на Apple наречена “Sign-in with Apple” – “Hide my Email”. Оваа опција всушност овозможува да се зачува приватната е-меил адреса на корисникот и наместо со неа, најава на трети веб страни се прави со друга јавна е-меил адреса што му се доделува на корисникот. Сите пораки што пристигаат на јавната е-меил адреса, автоматски се препраќаат на приватната. Со тоа, приватната е-меил адреса, при најава преку Apple, никогаш не се користи на трети веб страни и останува заштитена.