Патентни истражувања 101 [Втор дел]

ПАТЕНТИ

K. Smiljkovikj

5/21/20241 мин читање

Колку вреди еден изум, зависи од тоа колку е ексклузивен. Секако, и од тоа колку има потреба на пазарот од истиот. Во овој текст ќе се осврнам на првиот дел, испитување на ексклузивноста. За пазарната потреба, на друго место :).

Патентот, по дефиниција нуди ексклузивитет, па оттука и патентните истражувања даваат одговор на ова прашање. Во продолжение на текстот ќе споделам практичен процес за едно вакво истражување. За целите на патентните истражувања, прочитајте повеќе во првиот дел од текстот објавен на оваа тема (линк).

Постојат повеќе од 100 милиони патенти глобално, напишани на повеќе од 100 различни јазици, публикувани во повеќе од 100 национални и регионални канцеларии.

Дополнително, на ова да додадеме милиони останати документи, како публикации на научни трудови, конференции, саеми, јавни настапи или било кое друго место каде што некој изум може да се објави.

Од каде да се почне и како да се најде ДОКУМЕНТОТ што ултимативно ни е потребен за да ја оствариме целта на истражувањето?

Ако сте почетници во оваа дисциплина, во продолжение следува процес од 5 чекори, кој со сигурност ќе ве воведе во овој домен.

Чекор 1: Дефинирај ја точно твојата иновација

Прецизно дефинирај што е специфично за твоето решение и какво техничко подобрување нуди. Напиши листа од функционалностите што ги има и јасно оддели ги оние што се нови.

Чекор 2: Запознај се со структурата на патент

Пред да започнеш со пребарувањe, осигурај се дека знаеш како изгледа структура на еден патент. Ова е точно дефинирана форма, без можности за импровизација. Разгледај ги датумите запишани на патентните документи, имињата, компаниите, како и суштината на иновацијата.

Чекор 3: Избери кои држави/региони се релевантни за твојот бизнис

Ова е тесно поврзано со бизнис операциите и планот за развој. Одлучи во кои држави и региони планираш да го продаваш и/или лиценцираш продуктот и започни од таму.

Чекор 4: Пребарај ги базите на патенти што ти се достапни

Секоја национална и регионална патентна организација има своја база на патенти. Понатаму, постојат патенти на ниво на Европската патентна организација и патентни пријави поднесени под капата на Patent Cooperation Treaty (PCT) на глобално ниво. Во продолжение споделувам 5 бесплатни бази на патенти, кои се одлични за почеток:

1. Google Patents

Нуди лесен и брз пристап до милиони патенти и научни статии глобално, со опција за користење на напредни алатки за пребарување и филтрирање.

2. Lens.org

Моќна платформа за пребарување патенти и научни публикации, која овозможува детален преглед и анализа на патентни информации.

3. ESPACENET

База на податоци на Европската патентна организација, која обезбедува пристап до повеќе од 120 милиони патентни документи од целиот свет.

4. PATENTSCOPE

Управувана од Светската организација за интелектуална сопственост (World Intellectual Property Organization - WIPO), овозможува пребарување на меѓународни патентни пријави и обезбедува детален увид во документите.

5. USPTO

База на податоци на Американската канцеларија за патенти и трговски марки (United Stated Patent and Trademark Office - USPTO), која овозможува пребарување и пристап до патенти пријавени на оваа територија, со детални информации за секој патент.

Што треба да бараш во овие бази на патенти? Техничките функционалности што ги запиша во првиот чекор. Секој патент што има барем некоја од функционалностите на твојот изум, зачувај го.

Чекор 5: Сумирај ги резултатите и донеси заклучок

За да избегнеш субјективен заклучок, најдобро е да ги запишеш и споредиш пронајдените патенти (делот што е релевантен) со функционалностите на твојот патент. На крај, треба да добиеш слика колку од твојот изум веќе постои или пак воопшто не постои во доменот на патенти.

Секој резултат е добар! Дури и да пронајдеш добар дел од твоите функционалности во постоечки патенти, со соодветен правен совет, можеш да го модификуваш твојот изум да пополни поле каде што нема патенти во твојата индустрија.

Со среќа!

За крај, важно е да се знае дека постојат и голем број на платени сервиси за патентни пребарувања, кои нудат многу предности во истражувањето. Постојат и многу алатки за семантичко пребарување на патенти со примена на вештачка интелигенција. Овие алатки, иако се сеуште далеку од добри за да се препуштите само на нив, во пракса постојано се подобруваат.

Забелешка: Ова не е замена за правен совет. За употреба на напредни техники на истражување, испитување на патентабилност или подготовка на патентна пријава, побарајте дополнителен совет!