Нов пронајдок. Да се објави или не – прашање е сега!

ПАТЕНТИ

K. Smiljkovikj

11/11/20241 мин читање

Кога во јануари 2007-ма година Стив Џобс го презентира првиот iPhone, го најавува почетокот на битката за тоа кој ќе го има најдобриот кориснички интерфејс на еден паметен телефон. Од една страна е Apple, од друга страна се Samsung и Google. Како најистакнати во тој период.

Презентирајќи многу нови функционалности на iPhone-от, во еден момент во текот на презентацијата, Стив Џобс вели “boy, have we patented it”. Но, во тој момент, не постои патентна апликација во ниедна јурисдикција во светот.

Пет месеци подоцна, во јуни 2007-ма година, се појавува првата патентна пријава со новите функционалности презентирани во јануари истата година. Она што следува понатаму е приказ на тоа што се случува кога пронајдокот ќе биде објавен јавно пред да биде поднесена патентна пријава.


Дали може сопственото откривање на пронајдокот, да ги уништи шансите за патент пријавен подоцна?

Зависи во која држава и колку време порано е објавата!

Да се вратиме на случајот на Apple. Станува збор за фамилија на патенти со “rubber band” функционалност, која Стив Џобс ја смета за клучна за флуидниот интерфејс на iPhone-от. Всушност се работи за следната функционалност. Кога корисникот скрола на некоја листа, кога ќе стигне до крајот, листата прави “bounce back”, односно се повлекува нагоре и веднаш се враќа на крајот најдолу (се растега, па оттаму и називот “rubber band” за целата група на патенти). Во овој случај се оспорува “rubber band” функционалноста на галерија од слики.

Во Соединетите Американски Држави (САД), каде што се појавува и првата патентна пријава во јуни 2007-ма година, Apple успешно се здобива со правото на патент (US8106856B2). И со уште многу други патенти кои се повикуваат на првиот.

Од друга страна пак, во Европа, почнува да се соочува со проблеми, токму поради јавната објава на пронајдокот на презентацијата во јануари 2007-ма година.

Првата пресуда против Apple е во 2013-та година од Германскиот суд, кој што го инвалидира европскиот патент на Apple на територија на Германија. Како причина се наведува токму снимката од презентацијата. Односно, Стив Џобс, со сопственото откривање на пронајдокот, го уништува патентот пријавен подоцна.

[Ако сакате да се потсетите на оваа историска презентација, изгледајте го видеото. Спорниот дел започнува некаде после 32-рата минута. Плус, забавно е со колкав ентузијазам се пречекани новите функционалности во тоа време, што денес сметаме дека постоеле отсекогаш!]

На што се должат разликите во одлуките за признавање на патент во САД и Европа (во случајов конкретно Германија)?

Во САД постои т.н. грејс период од 12 месеци. За време на овој грејс период иноваторот има право да го објави пронајдокот јавно, потоа да поднесе патентна пријава и валидно да се стекне со право на патент. Со други зборови, откако ќе го објавите пронајдокот јавно, имате рок од 12 месеци да поднесете патентна пријава во САД. По истекот на овој период, шансата за патентирање е испуштена.

Во Европа пак законот е поинаков. Како што често се вели, многу построг. Се што е објавено јавно пред датумот на поднесување на патентата пријава се смета за prior art и може да се употреби за да го инвалидира патентот. Односно, во Европа нема грејс период.

Ова правило во Европа има два исклучоци, и тоа 1) кога пронајдокот ќе биде објавен јавно на незаконски начин (пример, вработен го објавува пронајдокот јавно, и покрај тоа што има договор за доверливост со компанијата) и 2) кога пронајдокот е презентиран на официјална изложба/саем 6 месеци пред поднесување на патентната пријава, за што е потребно да се обезбеди и сертификат од изложбата (Европската Патентна Организација (ЕПО) има листа на признаени изложби за оваа намена – не важи правилото за сите конференции во светот).

САД и Европа се два екстреми во однос на тоа како се третира јавна објава на пронајдок. Генерално, секоја држава во светот решава како ќе ја третира оваа тематика. Па така, постојат држави што даваат 12 или 6 месеци грејс период и држави каде што не постои грејс период. Ова е важно да се знае кога се размислува во која држава ќе се бара патентна заштита.


Иницијатива во ЕПО за синхронизација на глобално ниво

Во јуни 2022, во обид да започне процес на синхронизација со законодавството во глобални рамки, ЕПО прави детална анализа за импактот на строгите правила за објава на пронајдок. Бројките покажуваат дека на годишно ниво околу 10.000 патентни пријави во ЕПО имаат проблем со претходни јавни објави на пронајдоците. Ова одговара на 6% од вкупниот број на патентни пријави поднесени во 2021-ва година. Половина од нив се апликанти од САД, каде што јасно се дефинирани полесни услови кога се работи за објава на пронајдок.

Но, она што е интересно да се земе предвид е и колку апликанти биле принудени да ја одложат својата јавна објава на пронајдокот (пример да одложат лансирање на продукт), додека не се поднесе патентна пријава во ЕПО. Ова несомнено има и економски импакт за компаниите и соодветно треба да се земе предвид при креирање на бизнис стратегија и план за заштита.


Заклучок

Сагата со “rubber band” патентите на Apple продолжува уште неколку години после одлуката на Германскиот суд и овој процес има и други елементи кои се надвор од темата на овој текст. Но, она што останува како заклучок е дека јавната објава на Стив Џобс на првата презентација на iPhone-от, креира многу проблеми за патентите во Европа.

Затоа, од исклучителна важност е да се биде крајно претпазлив во јавните објави, особено доколку имате намера да го заштитите пронајдокот во Европа. Во идеално сценарио, пронајдокот би требало да се чува во најстрога тајност пред поднесување на првата патентна пријава. Се разбира, доколку бизнисот го дозволува тоа.

Доколку сепак се случи јавна објава на пронајдокот, намерно или ненамерно, важно е да знаете кои се јурисдикциите каде што сеуште можете да поднесете патентна пријава и колкав рок имате.

За крај, не е целта да бидеме параноични, само претпазливи. За да ви бидат на располагање сите опции за заштита. Никогаш не знаете дали токму вашиот пронајдок ќе го промени светот во наредните 20 години.