Кои изуми (не)може да се патентираат?

ПАТЕНТИ

K. Smiljkovikj

7/18/20241 мин читање

Имам нов изум! Дали може да го заштитам со патент? Краткиот одговор е – Зависи! Од суштината на изумот, примената и неколку правила за патентабилност што треба да бидат задоволени.

Во пракса многу често се случува да зборуваме за патент таму каде што не постои патентабилност или пак да го изоставиме таму каде што може да биде клучна заштита. Линијата помеѓу патентабилност и непатентабилност многу често е тенка. Во овој текст ќе се осврнам на основните принципи и ќе споделам неколку примери за (не)патентабилни изуми*.

Кога еден патентен оценувач ќе добие патентна пријава пред себе, има задача да одлучи дали ќе ја прифати и евентуално ќе одобри патент, или ќе ја одбие и нема да одобри патент. За да биде одобрена патентната пријава, треба да помине тест од 3 прашања**:

1. Дали изумот е нов?

Изумот треба да биде комплетно нов, што значи да не постои никаде во јавен домен пред датумот на поднесување на патентната пријава.

2. Дали изумот е инвентивен?

Изумот треба да не е очигледен за некој со просечно познавање на доменот и да има инвентивен исчекор во однос на се што до тој момент постои во јавен домен. Ова звучи како субјективно оценување, но постои методологија по која точно се оценува овој критериум.

3. Дали изумот е применлив во индустријата?

Изумот треба да има реална примена во една или повеќе индустриски гранки.

Доколку овој тест успешно го помине, голема е веројатноста да заврши со одобрување на патент!

Но, не веднаш! Има уште еден twist во процесот на одлучување. Речиси во сите патентни закони однапред е дефинирано што претставува патентабилна материја, а што не. Па така, одредени изуми, дури и да го поминат тестот со трите прашања, сепак не може да се заштитат со патент. Во продолжение се примери за двете категории. Листите се репрезентативни, не и конечни.

Изуми што може да се патентираат

Механички уреди и машини

Изуми на механички уреди и машини кои имаат ново техничко решение на технички проблем. На пример, нов систем за сопирање на велосипеди, напредни дизајни на машини и слично.

Електрични и електронски уреди

Изуми на електрични и електронски уреди, како што се нови микропроцесори со поголема процесирачка моќ, нови типови на сензори со повисока сензитивност, телефонски уреди, и слично. Треба да се забележи дека електронските уреди (на пример компјутер или телефон) извршуваат функции зададени од софтвер. Оттука, произлегува дека и одредени софтверски решенија можат да се заштитат со патент кога се поврзани со уред на кој се извршуваат.

Производни процеси

Нови методи за производство на било каков тип на стоки, во било која индустрија. На пример, поефикасна производна техника за изработка на соларни панели.

Хемиски соединенија и процеси

Хемиски соединенија, како што се нови фармацевтски производи и процеси за нивно создавање.

Изуми што не може да се патентираат

Апстрактни идеи: Концепти, теории, математички алгоритми и менталните процеси кои немаат специфична примена или практична имплементација.

Природни феномени: Природни закони, физички феномени и природни појави не можат да се патентираат. Ова ги вклучува природните елементи, организми и биолошките процеси.

Научни откритија: Откритија на нови научни принципи или факти не може да се патентираат. Но, може да се патентира нова и практична примена на научно откритие.

Методи на медицински третман: Во многу јурисдикции, методите за лекување на луѓе или животни, како што се хируршки процедури и терапевтски методи, не се патентабилни. Сепак, медицински помагала, лекови и одредени дијагностички методи може да се патентираат.

Софтвер и бизнис методи: Софтвер и апстрактни бизнис методи сами по себе не се подобни за патентирање. Меѓутоа, софтвер што се извршува на уред и обезбедува техничко решение или бизнис методи кои се поврзани со одредена техничка имплементација може да се патентираат, под услов да ги задоволуваат и 3-те барања на тестот опишан погоре.

Неморални или навредливи изуми: Изуми кои се сметаат за спротивни на јавниот ред или морал, како што се уредите наменети за нелегални активности или штетни материи.

За крај, како и секогаш, the devil is in the details, па затоа терминологијата што се користи и начинот на кој е напишана патентната пријава се особено важни. Овде е вклучено пишување на детална техничка спецификација, но и на патентните барања, кои што дефинираат што точно заштитува патентот. За да се обезбеди силна патентна позиција, потребно е да се опфати колку што е можно поголем домен на заштита, и во исто време да се обезбеди колку што можно поголема дистинкција од слични изуми што постојат.

На крај, дури и сите услови да ги исполнува изумот за да може да се заштити со патент, важно е да се направи и бизнис проценка дали воопшто е потребен патент и да се размисли за можни начини на монетизација (повеќе информации на следниот линк). Патентот треба секогаш да биде во склад со стратегијата за заштита на интелектуална сопственост, но и со пошироката бизнис стратегијата на компанијата/иноваторот.


*Фокусот на правилата е во рамките на Европската Патентна Организација, во која што членува и Македонија. Треба да се забележи дека одредени држави и региони може да имаат разлики во однос на некои од правилата.

**Тестот е симплифицирана верзија на реалното оценување на патентабилност. Во пракса, пред оценување следи детално истражување за да се откријат сите постоечки документи/патенти што потенцијално влијаат на патентабилноста. Можно е дури и истиот изум веќе да постои некаде документиран. Со овие документи, почнува процесот на оценување на патентабилност.