Дали ми е потребен патент?

ПАТЕНТИ

K. Smiljkovikj

4/23/20241 мин читање

Кога не би постоел патентен систем, иновациите сеуште би си ги чувале во фиока. Далеку од очите на светот. Никој да не ги види, за никој, освен нас, да не може да профитира од нашиот изум.

Во едно далечно минато, во недостаток на патентен систем, ова бил и единствен начин да се заштити нечиј изум. Што се последиците од ова? Бавен индустриски и технолошки развој. Наместо да се употреби и надгради нечие знаење, секој требало одново да го “измисли тркалото”.

Понатаму, постојат примери низ историјата кога кралот во Англија со специјално писмо им обезбедува монопол на поединци за производство и трговија на одредени намирници. Но, ова исклучиво било привилегија на индустријалците.

И така се до 1474-та година, кога венецијанците го објавуваат првиот Венецијански Патентен Статут, и започнува ерата на патентирање. Како што венецијанците се селат низ светот, така го пренесуваат ова знаење насекаде и патентниот систем се шири глобално.


А, што е патент?

Патентот претставува договор помеѓу иноваторот, од една страна, и државата, од друга страна. Иноваторот се согласува дека ќе го сподели својот изум со светот, а за возврат на тоа, државата му гарантира заштита.

Всушност, патентот му дава ексклузивно право на иноваторот да им оневозможи на другите да го произведуваат, користат, продаваат или нудат неговиот изум, без претходна согласност. Ова важи во ограничен временски период (пример, 20 години во Европа) и на ограничена територија.

Многу често луѓето го поврзуваат патентот со монопол на пазарот. Но, целта на патентот не е да обезбеди долгорочен монопол, бидејќи заштитата трае 20 години, после што изумот станува јавно добро. Овој временски период е сосема доволен за да се врати инвестицијата вложена во развој, плус да се заработи солиден профит од продажба.


Дали да го патентирам мојот изум?

Патентот не секогаш е неопходен, но често е посакувана сопственост (анг. asset). Процесот на патентирање бара време и финансии, па затоа честа дилема на компаниите е дали треба нешто да се патентира. Дополнително, постојат и алтернативи на патент, кои исто така треба да се земат предвид при одлучувањето.

Но, доколку се мислите дали да го патентирате вашиот изум, во продолжение е листа на прашања кои ќе ви помогнат да направите само-евалуација и да стекнете првично мислење:

  1. Дали мојот изум е нов, иновативен (не е очигледен) и применлив во индустријата?

  2. Во која држава планирам да оперирам?

  3. Дали мојот изум подлежи на дополнителна регулатива или закон во државата?

  4. Какви патенти постојат во областа во која работам?

  5. Дали сум во фаза на барање инвестиција?

  6. Колку потенцијално повеќе би вредела мојата компанија со патентиран изум?

  7. Дали имам можности да го произведам мојот изум?

  8. Дали постојат потенцијални компании на кои би можел/а да им го лиценцирам патентот?

  9. Дали има потенцијални купувачи на мојот патент?

  10. Дали постои ризик некој да го злоупотреби мојот изум ако не е патентиран?

Одговарајќи на овие прашања, ќе добиете насока за тоа како да се придвижите во процесот на патентирање. Можете да креирате почетна стратегија за интелектуална заштита на вашиот изум и да носите информирани одлуки за тоа кога, како и каде да се обезбеди заштита со патент.

За крај, важно е да се знае дека патентот сам по себе не обезбедува гаранција за комерцијален успех. Но, претставува доказ дека компанијата поседува изум што е нов, иновативен и применлив во индустријата. Комерцијализацијата зависи од бизнис стратегијата на компанијата. Патентот единствено ќе го отклучи целокупниот потенцијал за успех на вашата компанија.